Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги- РКЕ соопштија дека цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Северна Македонија со што има техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава. Од РКЕ во врска со најавите од страна на Русија за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија и дали тоа ќе се одрази во снабдувањето на земјава посочуваат дека состојбата е комплексна и зависи од одлуките што ќе ги донесе Кремљ.
„Според достапните информации со кои располагаме, „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе- дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас“, велат од РКЕ.
Оттаму додаваат дека во континуитет ја следат состојбата на пазарот со енергенси и посочуваат дека потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.
„Што значи дека сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво“, порачуваат од РКЕ.
Рускиот енергетски гигант дека ја прекинал испораката на гас за Бугарија и Полска поради тоа што не го платиле гасот во рубљи, што е најтешкиот одговор на Кремљ досега на санкциите воведени од Западот поради конфликтот во Украина.