Самонареченото Министерство за внатрешни работи на молдавскиот сепаратистички регион Трансдњестар, кој граничи со Украина денеска соопшти дека биле испукани истрели во село во кое се наоѓа распространето руско складиште за муниција откако беспилотни летала прелетале од Украина.
„Синоќа беа забележани неколку дронови на небото над селото Кобасна. Дроновите беа лансирани на територијата на Трансдњестар од Украина“, соопшти министерството на својата веб-страница.
Тврдењето не е независно потврдено. Властите и претходните денови јавуваа и за други напади.Официјални лица од Трансдњестар ги нарекоа инцидентите „терористички напади“, додека Кремљ рече дека тие се причина за „сериозна загриженост“, предизвикувајќи стравувања од прелевање на војната во соседна Украина.
Трансдњестар е тесен појас меѓу Молдавија и Украина, кој прогласи независност во 1990 година.Во 1992 година, Молдавија и Трансдњестар водеа кратка војна која беше задушена од руските сили кои интервенираа на страната на сепаратистите. Во конфликтот загинаа околу 1.000 луѓе.
Кобасна, која се наоѓа на околу два километри од украинската граница, е дом на едно од најголемите складишта за муниција во Источна Европа.