Најавата на Газпром дека еднострано ја запира испораката на гас за клиентите во Европа е уште еден обид на Русија да го користи гасот како инструмент за уцена, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула. фон дер Лајен.
„Ова е неоправдано и неприфатливо. И тоа уште еднаш ја покажува несигурноста на Русија како снабдувач со гас. Подготвени сме за ова сценарио. Ние сме во близок контакт со сите земји-членки. Работевме на обезбедување алтернативни испораки и најдобри можни нивоа на складирање низ ЕУ“, се наведува во изјавата на фон дер Лајен објавена на интернет страницата на ЕК.
Таа посочува и дека земјите-членки имаат план за вонредни ситуации и за такво сценарио и работеле со нив координирано и солидарно. Фон дер Лајен порачува и дека ќе продолжи да работи со меѓународните партнери за да обезбедат алтернативни текови и со европските и светските лидери за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија во Европа.
„Европејците можат да веруваат дека стоиме обединети и во целосна солидарност со земјите-членки кои се погодени пред овој нов предизвик. Европејците можат да сметаат на нашата целосна поддршка“, додава таа.
Руската државна енергетска компанија Газпром најави дека од денеска го прекинува снабдувањето со гас за Бугарија, објави вчера Министерството за енергетика на земјата. Соопштено е дека за ова рускиот енергетски гигант го известил Булгаргаз, бугарската државна компанија која се занимава со снабдување со гас.
Рускиот гас од денеска престанува да пристигнува и во Полска, откако „Газпром“ ја извести полската ПГНиГ дека од 27 април, ќе ја прекине испораката на таа земја преку гасоводот „Јамал“.