Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во рамките на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија, денеска ќе престојува во Скопје. Вархеји претходниот ден беше во Софија каде што имаше средби со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска. Во Софија тој учествуваше на конференција за зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ, насловена „ЕУ се среќава со Балканот. Лекцијата од Украина: Европското проширување – заштита од војна“.
Вархеји: Крајно разочаран што не стартуваа преговорите со ЕУ за Скопје и Тирана
Вархеји притоа изјави дека процесот на европска интеграција на Западен Балкан мора да се забрза и посочи дека е „крајно разочаран“ што не е решено прашањето за почеток на преговорите на Скопје за членство во ЕУ. Еврокомесарот Вархеји и кон крајот на минатиот месец беше во Софија на разговори со бугарскиот премиер Петков, со главен акцент врз дијалогот на Бугарија со Северна Македонија.