Зборот на СОНК не издржа ниту едно деноноќие, објави министерот за образование и наука Јетон Шаќири на Фејсбук. Оваа објава доаѓа по одлуката на СОНК за одбивање на владиниот втор предлог за покачување на платата на просветните работници за 12 проценти, наместо бараните 18 отсто. Тој во објава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека на вчерашната средба со претставници на СОНК бил постигнат договор за 12 проценти повисоки плати во образованието од месец јули.
Тој во објавата посочи дека променетата одлука на синдикалното раководство е на штета на учениците од основните и средните училишта.
"Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува. Ги повикуваме директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од утре да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Имаат надлежности и одговараат за непостапување по истите," пишува во својот пост Шаќири.
Тој ги повика родителите и старателите на учениците од утре да продолжат да ги пуштаат своите деца на училиште. Тие, како што додаде, се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат многу да помогнат во нормализирањето на состојбите.
"Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања. Сите имаме одговорност,"вели министерот за образование и наука.
Градинките од утре ќе работат, училиштата продолжуваат со штрајкот, СОНК најави масовен протест
Претходно претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес конференција изјави дека од утре само градинките почнуваат со работа, додека просветните работници во основното и средното образование продолжуваат со штрајкот. Тој најави дека на 4 мај просветните работници ќе одржат масовен протест пред Владата во знак на незадоволство од досегашните предлози