Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш при средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека е загрижен поради извештаите за можни воени злосторства во Украина и дека се потребни независни истраги.
Украинското Министерство за одбрана соопшти дека Русија продолжи да ја напаѓа фабриката Азовстал во опколеното пристаниште Мариупол и покрај руските тврдења дека воспоставила хуманитарен коридор за да им овозможи на цивилите да го напуштат градот.
Гутереш, кој е во посета на Москва, изјави дека Обединетите нации се подготвени целосно да ги мобилизираат ресурсите на светската организација за да спасат животи и да ги евакуираат луѓето од опколениот украински град од Мариупол.
„Итно ни требаат хуманитарни коридори кои се навистина безбедни и ефективни. Илјадници цивили имаат огромна потреба од хуманитарна помош за спасување живот“, рече Гутереш на прес-конференција со Лавров.
Украинските власти соопштија дека околу илјада цивили се засолнети во лавиринтот од подземните тунели таму. Тие постојано ја повикаа Русија да им понуди безбеден излез, но претходните обиди за организирање евакуации постојано беа неуспешни.
Гутереш повика на прекин на огнот во Украина
Гутереш ги опиша неговите разговори со Лавров како „искрени“, но инсистираше на тоа дека тој ја посетува Москва како „гласник на мирот“.
Тој треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва подоцна во текот на денот но се наведува дека очекувањата од средбата се мали.