Следниот самит на Отворен Балкан во јуни во Охрид

Следниот лидерски самит на Отворен Балкан ќе се одржи во првата половина од јуни во Охрид. Ова денеска го соопшти премиерот Димитар Ковачевски по неговиот денешен онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама.

Ковачвески на неговиот Фејсбук профил наведе дека попладнево со Вучиќ и Рама одржал онлајн состанок за идните чекори од, како што вели, нивната заедничка, препознаена и успешна иницијатива Отворен Балкан.

САД го поддржуваат Отворен Балкан и неговото проширување

Ковачевски најави дека на почетокот од септември заедно ќе организираат голем туристички саем на вино и храна во Србија.

„На самитот во Охрид ќе бидат потпишани значајни договори и меморандуми за соработка во културата, туризмот и економијата и затоа на овој состанок беа присутни и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски“, додава Ковачевски во објавата.

Тој посочува и дека иницијативата Отворен Балкан останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.