Петков - Постои желба за прифатливо решение во преговорите со Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји ја потврдил желбата за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените политички прашања со Македонија.

Од прес-центарот на бугарската Влада соопштија дека актуелната состојба на Западниот Балкан, во контекст на кризата предизвикана од руската воена инвазија на Украина и последните случувања во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, биле меѓу темите на разговор на денешната средба на бугарскиот премиер Кирил Петков со еврокомесарот Вархеј.

Петков истакнал и дека интензивирањето на секторската соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија придонесува за градење меѓусебна доверба и разбирање.

Претходно, еврокомесарот Вархеји денеска од Софија порача дека е крајно разочаран што се уште се разговара за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија.

„Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира, а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји“, рече Вархеји.

ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана, додаде тој.

Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.