Стотина просветни работници членови на Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата пред канцеларијата на синдикатот изразија незадоволство од најавата за утрешниот прекин на штрајкот во детските градинки, основното и средното образование. Тие изразија незадоволство од наводниот договор за покачување на платите во образованието од 12 проценти, наместо 18,4 отсто како што се бараше на почетокот на штрајкот.
„Едно е јасно. Вчера бевме во Влада и во изјава за медиумите кажавме дека разговаравме и дека останува на членството да се произнесе по предлозите. Од таа причина, сеуште се држат состаноци и се сондира мислењето на членството. И Синдикатот со 50 плус еден глас ќе одлучи за прифаќање или одбивање на понудата. И од таа причина бидете сигурни дека без никаква манипулација, ќе бидат јавни и транспаретни одлуките на членството“,изјави претседателот на СОНК Јоаким Неделков пред насобраните просветни работници.
Членството на СОНК одлучува за прекин на штрајкот
Во СОНК се одржува состанокот на раководството на синдикатот на кој ќе се одлучува по предлогот на власта за покачување на платата од 12 проценти и за прашањето дали и кога ќе биде прекинат штрајкот. По барање на насобраните членови на синдикатот седницата на Советот на СОНК ќе биде отворена.
Тренчевска: Се надевам дека сите што штрајкуваа ќе се вратат на работа
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави дека очекува одлука од Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата утре да започне наставата во основното и средното образование и оти треба да се разгледа начин за потполно постигнување на планираната наставна програма.
„Ќе разгледаме секаков вид на можност за менаџирање на ситуацијата заедно со Бирото за развој на образование и со наставниот кадар. Но, за мене многу е важно утре да започне наставата во сите основни и средни училишта“, изјави а Шаќири на новинарско прашање.
На вчерашниот состанок во Владата, на кој присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и министрите за труд и социјална политика и за образование и наука, Јованка Тренчевска и Јетон Шаќири, е договорено и креирање нова методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на годинава, а ќе се применува од 2023 година и ќе биде дел од општиот колективен договор. Како предмет на усогласување на гранскиот колективен договор ќе биде вклучена и редовната исплата на регресот за годишен одмор, односно К-15, којшто ќе почне да се исплаќа од следната година.