Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска од Софија порача дека е крајно разочаран што се уште се разговара за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Во своето обраќање на Форумот за односите меѓу Европската Унија и Балканот тој рече дека мислел оти ова прашање се решило пред две години, но сега повторно е на маса.
„Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира, а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји“, рече Вархеји.
ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана,, додаде тој.
„Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да ова се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту немаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес“, вели Вархеји.
Вархеји по Софија, утре доаѓа во Скопје, во рамки на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија.
Вархеји: Владеењето на правото клучен критериум за членство во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека не може политичка борба во соседна држава, земја-членка на ЕУ и популистичко-националистички реторики да бидат пречка за зачленување на држава која има четири последователни позитивни извештаи за почнување на преговори со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.
„Од првиот ден зборувам дека преговорите со Бугарија ги водиме врз основа на европските вредности, врз задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, како и врз основа на меѓусебно почитување и на политичарите и на сите институции во државите. Само ако така се водат преговорите, може да има позитивен дијалог, тон и начин на комуникација што ветува дека може да се дојде до решение за кревање на ветото. Ние треба да кажеме дека Северна Македонија има вето од соседна држава за почнување на првата меѓувладина конференција. Доколку бидат тие услови исполнети, тогаш може да се очекува договор, но само ако бидат исполнети тие услови“, потенцира Ковачевски пред настанот по повод 50 години од формирањето на ЗЕЛС.
Вархеји во посета на Софија, па на Скопје
Според него, на земјава и треба брзо, а не избрзано решение и потребно е час поскоро да почне првата меѓувладина конференција.
Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.