Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји изјави дека почитувањето на владеењето на правото е клучен критериум за членство во ЕУ.
„Ако тука нема напредок, никаде нема да има напредок, изјави Вархеји на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ што се одржува денеска во Софија.
Според него, процесот на проширување на ЕУ добил премногу национални димензии. Тој рече дека Европа мора да работи заедно за да спречи избувнување на конфликти на Балканот.
„Ова треба да биде приоритет број еден, бидејќи цела Европа би била засегната во случај на конфликт“, додаде тој.
Ако реформите продолжат, ако владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформите се доволно видливи, како што наведе тој, вистински ќе се акумулира критична маса што ЕУ не може да ја игнорира.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој исто така денес е во Софија за време на учеството на форумот за односите меѓу Европската унија и Балканот се осврна на актуелниот геополитички моментум во Европа и неговиот ефект со пошироки последици за Балканот од аспект на безбедноста, стабилноста и економската состојба, но и во светло на евроинтегративните процеси на државите од регионот.
„Во седмиците што следат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива. Секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици“, потенцира министерот Османи.
Порачувајќи дека евроинтеграцијата значи подобро справување со заедничките предизвици и уште поважно запечатување на припадноста во семејството на слободниот, демократски и прогресивен свет, министерот Османи истакна: „Придобивките од интеграцијата во ЕУ се повеќекратни и ние ги живееме речиси 20 години, но тие треба да продолжат, да се негуваат и да се доведат на повисоко ниво - почеток на пристапните преговори, што следствено ќе има поголем трансформативен и мобилизациски ефект“.