Судот во Москва ја казни платформата Мета затоа што не ја брише содржината што владата ја смета за нелегална во услови кога Русија продолжува да го засилува притисокот врз социјалните мрежи.
Мета мора да плати 4 милиони рубли или околу 52.800 американски долари затоа што не ги симнала материјалите од нејзините мрежи Фејсбук и Инстаграм што ја „пропагираат ЛГБТ заедницата“ и „навреди на националното знаме и грбот на Русија.
Одлуката на судот беше донесена на барање на медиумскиот регулатор Роскомнадзор, кој ги заостри мерките против медиумите и слободата на говорот низ целата земја откако Русија ја започна војната во Украина на 24 февруари.
Рускиот суд минатиот месец ја прогласи Мета за „екстремистичка организација“, што практично ги забрани Фејсбук и Инстаграм.
Обвинителите тогаш соопштија дека Мета „намерно дозволила говор на омраза против Русите, што создало алтернативна реалност во која секоја проруска позиција била потисната и се поттикнувала омраза“.
Руските власти веќе го блокираа пристапот до Фејсбук откако тој блокираше некои објави на државните медиуми.