ХРВ: Руските сили да им дозволат на цивилите безбедно да го напуштат Мариупол

Мариупол

Хјуман рајтс воч- ХРВ ги повика руските сили кои сега имаат контрола врз поголемиот дел од опколеното украинско пристаниште Мариупол, да им дозволат на цивилите кои се заробени во стратешкиот град безбедно да се префрлат на територијата под контрола на Украина.

Мариупол е под опсада на руските сили од 2 март, при што поголемиот дел од градот е уништен, а се верува дека се убиени илјадници цивили.

Се проценува дека околу 2.000 украински војници кои се во фабриката за челик Азовстал во Мариупол сè уште се спротивставуваат на руските сили кои преку воздушни напади се обидуваат да ги поразат. Се претпоставува дека околу 1.000 цивили се засолниле во челичарницата.

„Руските сили кои сега го окупираат поголемиот дел од југоисточниот пристанишен град на Украина, Мариупол, треба да се погрижат цивилите кои остануваат во градот да можат безбедно да заминат на територијата контролирана од Украина, доколку сакаат“, се вели во соопштението на ХРВ.

Организацијата исто така посочи дека посебно внимание треба да се посвети на постарите лица, лицата со посебни потреби и оние кои се болни или ранети.

ХРВ, исто така, го повика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој е во посета на Москва и се очекува да отпатува за Киев, да ги повика високите руски претставници да ги земат предвид маките на цивилите во Мариупол и да ги предупредат дека „може да се одговара за незаконски цивилни смртни случаи и други сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право“.

„По преживеаните два месеци терор, криејќи се во подрумите додека нивниот град беше претворен во јаглен и урнатини, на цивилите во Мариупол сè уште итно им е потребна помош и безбедни патишта за евакуација. Генералниот секретар Гутереш и другите меѓународни лидери треба да ги притиснат највисоките руски функционери да обезбедат безбедно преминување на територијата под контрола на Украина“, рече Ајда Соер од ХРВ.

Организацијата за заштита на правата, исто така, ги предупреди руските сили дека треба да ја почитуваат „фундаменталната обврска според меѓународното хуманитарно право и да прават разлика помеѓу цивилите и борците и да ги преземат сите можни мерки на претпазливост за да ги заштитат цивилите“.