Членството на СОНК одлучува за прекин на штрајкот

Настава. Илустрација.

Членството на СОНК денеска треба да донесе одлука за прекин на штрајкот по постигнатиот договор со Владата по што од утре се очекува учениците да се вратат на настава. Раководството на СОНК и Владата вчера постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти од месец јули, а средствата ќе бидат обезбедени со релабансот на Буџетот.

На состанокот, на кој присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и министрите за труд и социјална политика и за образование и наука, Јованка Тренчевска и Јетон Шаќири, е договорено и креирање нова методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на годинава, а ќе се применува од 2023 година и ќе биде дел од општиот колективен договор. Како предмет на усогласување на гранскиот колективен договор ќе биде вклучена и редовната исплата на регресот за годишен одмор, односно К-15, којшто ќе почне да се исплаќа од следната година.

Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бараше зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, но овој предлог беше одбиен од СОНК.