Претседателот на СОНК, Јаким Неделков по состанокот во Владата и новите преговори изјави дека е постигнат договор за покачување на сегашната плата на наставниците за дополнителни 12 проценти.
„Се усогласивме со ставовите на Владата, каде во рамките на можностите на државата, во рамки на тоа во овој момент што може да се издвои за зголемување на платите во дејностите детска заштита, основно и средно образование, дојдовме до заеднички процент на зголемување на платите, кое би почнало од месец јули, најдоцна до месец јули, со завршување на ребалансот и процесуирање на средствата, од 12 % од сегашните плати, со додатоците кои следуваат врз договорот“, изјави Неделков.
Според него, учениците евентуално на настава би се вратиле во среда. За утре, како што најави, е планирана средба во СОНК со цел да се донесе одлука за официјално завршување на штрајкот.
Средбата во Владата започна во 16 часот.
На средбата присутни биле премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE), Сузан Флокен.
СОНК преговара од март со Владата за исполнување на нивното барање за зголемување на платите за 18,4 отсто. Синдикатот бараше и усогласување на платите со минималната плата, која од минатиот месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.