Американскиот претседател Џо Бајден ја именуваше Бриџит Бринк за нова амбасадорка на САД во Украина, соопшти Белата куќа. Клучната позиција беше празна речиси три години и одлуката е во време кога Вашингтон ја зголемува својата поддршка за да и помогне на Украина да се одбрани од руската инвазија.
Бринк, која моментално ја извршува функцијата амбасадор на САД во Словачка, е дипломат од кариера 25 години и има работено во Узбекистан и Грузија, како и на неколку високи позиции во Стејт департментот и Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„Децениското искуство на Бринк ја прави уникатно прилагодена за овој момент од историјата на Украина“, се вели во соопштението на Стејт департментот во кое се додава дека е родена во Мичиген и зборува руски јазик. .
Позицијата, која беше празна откако поранешниот претседател Доналд Трамп ненадејно ја отповика тогашната американска амбасадорка во Украина, Мари Јованович во мај 2019 година, мора да биде потврдена од Сенатот на САД.
Најавата за номинацијата на Бринк е по посетата на Украина викендот од страна на државниот секретар Антони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин кои во Киев се сретнаа со украинскиот претседател Володомир Зеленски и други високи украински претставници.