Претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура- СОНК предводени од претседателот Јаким Неделков во 16 часот ќе имаат средба во Владата. Неделков претходно на денешната прес-конференција изјави дека нема взаемен договор со ресорните министри за прекин на штрајкот на просветните работници и вработените во градинките.
„Има сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата. Нашето очекување е во интерес на учениците, во интерес на децата во детските градинки, во интерес на родителите, во интерес на колегите кои штрајкуваат, да постигнеме договор во однос на зголемување на платите согласно Законот за минимална плата“, изјави Неделков.
Доколку нема договор, според Неделков, штрајкот продолжува и утре. Тој очекува да постигне и договор за динамика на пораст на платите во следните години.
На средбата ќе бидат присутни премиерот Димитар Ковачевски и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, како и директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE), Сузан Флокен.
СОНК преговара од март со Владата за исполнување на нивното барање за зголемување на платите за 18,4 отсто. Синдикатот бара и усогласување на платите со минималната плата, која од минатиот месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.