Министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на посетата на Берлин се сретна со претседателот на Комисијата за ЕУ прашања во Бундестагот, Антон Хофрајтер со кого разговарал за европското досие на Македонија и потребата од итна деблокада на евроинтегративниот процес како геостратешка инвестиција на Унијата.
„Со Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, разговаравме за итната потреба од деблокирање на евроинтегративните процеси во регионот како геостратешка инвестиција на ЕУ во име на безбеден, стабилен и просперитетен регион во срцето на Европа“, објави Османи на неговиот фејсбук статус.
На средбата со Јенс Плотнер, советник на германскиот Канцелар Олаф Шолц за надворешна политика, Османи го повторил ставот за значењето на отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана, во контекст на зацврстување на геостратешката улога на ЕУ.
„Со отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, ЕУ ќе ја демонстрира својата зацртана улога на геостратешки играч и ќе го потврди проширувањето како корисна алатка на нејзината надворешна и безбедносна политика“, наведува Османи на неговиот официјален фејсбук статус.
Османи во Берлин треба да има средби и со државната министерка надлежна за Европа, Ана Лирман,а во германскиот Бундестаг ќе се сретне со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи. Османи утре од Берлин ќе отпатува за Софија.
Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.