Руската војска соопшти дека ќе отвори хуманитарен коридор со цел да се евакуираат цивили од опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека коридорот ќе биде отворен во денеска на пладне по средно европско време за сите цивили да ја напуштат областа.
„Руските трупи еднострано ќе прекинат какви било непријателства, ќе ги повлечат единиците на безбедно растојание и ќе обезбедат повлекување на цивилите“, се вели во соопштението на министерството.
Распространетиот челичен комплекс остана последниот бедем на украинскиот отпор во стратешкиот пристанишен град на Азовско море.
Украинските власти соопштија дека до 1.000 цивили се засолниле во големиот лавиринт од подземни тунели во областа. Тие постојано ја повикуваа Русија да им понуди безбеден излез, но претходните обиди за организирање евакуации постојано беа неуспешни.
Руската воена инвазија во Украина влезе во третиот месец, при што досега има илјадници убиени, милиони раселени лица и многу уништени градови.