Европските креатори на политики постигнаа договор за нов закон кој ќе ги принуди технолошките компании да преземат поголема одговорност за содржината што нивните корисници ја објавуваат на интернет. Со овој потег, Брисел станува светски лидер во контролирање на технолошките гиганти и регулирање на интернетот, додека Вашингтон заостанува, пишуваат светските медиуми.
Европската унија (ЕУ) ќе ги принуди големите технолошки компании поагресивно да ги следат содржините на Интернет, откако ќе го одобри главниот закон со кој прво се поставуваат правила за тоа како компаниите треба да ги заштитат онлајн корисниците, објави Фајненшл тајмс.
Европратениците во Брисел усвоија мерки кои, како што посочува весникот, ги спречуваат компаниите како Фејсбук и Гугл да таргетираат онлајн рекламирање на малолетници, додека манипулативните техники кои ги принудуваат луѓето да кликнат на содржината - ќе биде забранета.
Според новите правила, водечките технолошки групи ќе бидат принудени да им откријат на регулаторите на ЕУ како се борат против дезинформациите и воената пропаганда за да го спречат ширењето на лажни информации - напор што доби нов замав по руската инвазија на Украина.
Законот за дигитални услуги сега може да ги казни интернет платформите до шест проценти од нивниот глобален приход за кршење на правилата - што би го чинело Фејсбук 7 милијарди долари, а во случај на повторени прекршувања може да резултираат со забрана за работа, објави британски Гардијан.