Францускиот претседател Емануел Макрон, кој вчера победи во вториот круг од претседателските избори, рече дека знае што им должи на гласачите кои гласаа за него, ветувајќи методи за обновување за нов петгодишен мандат.
„По пет години трансформација, среќни и тешки моменти исто така, извонредни кризи, денес повеќето од вас одлучија повторно да ми веруваат во следните пет години. Знам што ви должам“, рече Макрон во говорот во близина на Ајфеловата кула во Париз. Макрон, кој го освои својот втор последователен мандат вети „методи за обновување“ и додаде дека неговите први чекори нема да бидат исти како пред пет години.
Макрон останува претседател на Франција, стигнаа првите честитки
Претседателот на Франција им се обрати и на гласачите кои не гласаа за него, туку против лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, која како и пред пет години беше поразена и во вториот круг од претседателските избори. „Знам дека многу луѓе денеска гласаа за мене, не за да ги поддржат моите идеи, туку за да ги блокираат идеите на екстремната десница. Сакам да им се заблагодарам. Ова гласање ме обврзува за годините што доаѓаат“, рече Макрон. Според излезните анкети, центристот Макрон освоил меѓу 57,6 и 58,2 отсто од гласовите, а Ле Пен меѓу 41,8 и 42,4 отсто од гласовите. Официјалните резултати ќе бидат објавени в среда. Свеченоста на инаугурацијата на новиот претседател треба да се случи најдоцна до 13 мај.
ТВ дуел Макрон-Ле Пен пред вториот круг претседателски избори
Центристот Макрон за прв пат беше избран за претседател во 2017 година на 39-годишна возраст и стана најмладиот шеф на државата што ги размрда традиционалните партии, левите и десните, кои се менуваа на власт. Французите ги чекаат парламентарните избори на 12 и 19 јуни, кои ќе се одржат во два круга.