Францускиот претседател Емануел Макрон ја победил својата крајнодесничарска ривалка Марин Ле Пен со солидна разлика, покажаа првичните проекции на анкетарите, обезбедувајќи му втор мандат и спречувајќи своевиден политички земјотрес.
Француските анкетни агенции, веднаш по затворањето на гласачките места предвидоа дека центристичкиот Макрон ќе победи во вториот круг од претседателските избори во Франција, во тесната трка со Ле Пен во која беше засенет од војната во Украина, при забележлив раст на француската поддршка на екстремистичките идеи.
Ако проекциите се потврдат со официјалните резултати, Макрон би бил првиот француски претседател во последните 20 години кој освоил втор мандат, по Жак Ширак во 2002 година. Но, тој ќе се соочи со поделена нација и битка да го задржи своето парламентарно мнозинство на парламентарните избори во јуни.
Пред пет години, Макрон извојува убедлива победа и стана најмладиот претседател на Франција со 39 години. Се очекува разликата овој пат да биде многу помала. Агенциите за рејтинг како Opinionway, Harris и Ifop проектираа дека Макрон ќе освои меѓу 57% и 58,5% од гласовите, при што Ле Пен би добила меѓу 41,5% и 43%.
Гласачките места се отворија во 8 часот, а гласањето траеше до 20 часот. Речиси 49 милиони гласачи имаа право на глас. Првичните проекции беа најавени непосредно по затворањето на избирачките места, кога анкетните агенции ги објавуваат прелиминарните резултати врз основа на делумни пребројувања кои обично го предвидуваат конечниот резултат со висок степен на точност.
Инаку ова се првични проекции за резултатите од гласањето, додека конечните резултати треба да бидат познати во текот на утрешниот ден. Официјалното прогласување на победникот пак треба да се случи во среда, на 27 април.