ОБСЕ ги користи „сите достапни канали“ за ослободување свои членови заробени во источна Украина

Илустративна фотографија

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека е крајно загрижена поради приведувањето на неколку украински членови на нејзината набљудувачка мисија на истокот на земјата.

Телото со седиште во Виена во кратката изјава наведува дека „ги користи сите достапни канали за да го олесни нивното ослободување“.

„ОБСЕ е крајно загрижен поради тоа што голем број членови на националните мисии на СММ (Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина) се лишени од слобода во Доњецк и Луганск“, објави ОБСЕ на Твитер.

„ОБСЕ ги користи сите достапни канали за да го олесни ослободувањето на својот персонал“, се додава во изјавата без да се дадат повеќе детали.

Портпаролот одби да прецизира колку членови на националните мисии биле приведени, кога или од кого.

ОБСЕ во март соопшти дека евакуирала речиси 500 членови на меѓународната мисија од Украина.

Руската воена инвазија врз Украина започна на 24 февруари.