Во Франција денеска се одржуваат претседателски избори, а нејзините граѓани можат да бираат помеѓу центристичкиот претседател Емануел Макрон и екстремно десничарската противкандидатка Марин Ле Пен.
Еден од нив ќе ја води земјата во следните пет години, па затоа се смета дека овие избори може да имаат далекусежни ефекти врз иднината на Европа и војната во Украина.
Макрон е фаворит во вториот круг од гласањето, покажаа неодамнешните анкети кои му дадоа солидна предност. Ако тој победи, ќе биде првиот француски претседател во последните 20 години кој освоил втор мандат.
Но, аналитичарите предупредуваат дека Макрон не може да зема ништо здраво за готово бидејќи излезноста е клучна за да се обезбеди победа.
Гласачките места се отвораат во 8 часот, а се затвораат во 20 часот. Првичните проекции се очекуваат веднаш по затворањето на избирачките места.
Право на глас имаат околу 48,7 милиони Французи.
На претседателските избори во 2017 година, Макрон победи со 66 наспроти 34 отсто за Ле Пен. Победата на Ле Пен би предизвикала шокови ширум Европа.
Лидерите на левиот центар на Германија, Шпанија и Португалија во написи во весници ги повикаа француските гласачи да го изберат Макрон наместо екстремната десница која ја претставува Ле Пен, предупредувајќи за „популистите и екстремната десница“ кои го сметаат рускиот претседател Владимир Путин „како идеолошки и политички модел“.
Бројни француски медиуми ги повикаа гласачите да го вратат Макрон во Елисејската палата за да ја спречат Ле Пен да дојде на власт.