Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави новиот договор за принудување на социјалните мрежи построго да ги проверуваат штетните содржини како „историски“ договор што ќе одекне надвор од Европа.
Преговарачите од сите 27 земји на ЕУ и Европскиот парламент ги открија деталите од таканаречениот Закон за дигитални услуги на маратонска сесија што траеше до раните утрински часови.
Законот, меѓу другото, се обидува да го спречи говорот на омраза, дезинформациите, прекршувањето на туѓите права и продажбата на забранети или фалсификувани предмети.
„Нашите нови правила ќе ги заштитат корисниците на интернет, ќе обезбедат слобода на изразување и можности за бизнисите. Она што е нелегално офлајн, практично ќе биде нелегално онлајн во ЕУ“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.
Законот за дигитални услуги (ЗДУ) набљудувачите го нарекуваат една од најопсежните промени во технолошкиот и комуникацискиот сектор во правото на ЕУ во последните децении.
Тој е наменет да го надополни Законот за дигитален пазар, кој беше договорен во 2021 година и се стреми да ја заштити пазарната еднаквост, вклучително и со спречување на таканаречените „чувари на портата“ како најголемите компании од злоупотреба на нивните позиции на пазарот.
Се очекува ЗДУ да биде усвоен од Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ пред да стапи на сила по 15-месечен преоден период.
Според овој закон, технолошките и интернет компаниите мора да исполнат нови обврски за своите платформи - на пример да ги отстранат лагите за вакцини или Ковид 19, како и да создадат начини за брзо дејствување во време на криза.
Со него се забранува таргетирање реклами на малолетници или насочување реклами преку употреба на чувствителни лични податоци како што се религиозни и политички убедувања, но и сексуална ориентација.