Нов случај на ебола откриен во Конго

Илустративна фотографија

Нов случај на ебола е потврден во Демократска Република Конго, само четири месеци по крајот на претходната епидемија на смртоносната болест кај оваа африканска нација.

Националниот институт за биомедицински истражувања на земјата денеска соопшти дека случајот бил откриен во градот Мбандака во провинцијата Екватеур. Земјата имаше 13 претходни епидемии на смртоносната болест. Во епидемијата од 2018 до 2020 година, во источниот дел на земјата починаа околу 2.300 луѓе.

Последното избивање на хеморагичната треска погоди 11 лица кон крајот на минатата година, при што починаа шестмина.

Вирусите кои предизвикуваат ебола се наоѓаат главно во субсахарска Африка. Луѓето можат да се заразат со ебола преку директен контакт со заразено животно и човек, жив или мртов, кој бил заразен со вирусот, информира Центрите за контрола и превенција на болести на САД.

Еболата предизвикува сериозно крварење и катастрофално откажување на органите и лесно се шири преку контакт со телесни течности.

Просечна стапка на смртност од оваа болест е околу 50 проценти, при што досегашните епидемии се движеа од 25-90 проценти стапки на смртност, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.

Се покажа дека евтините вакцини се многу ефикасни против болеста, иако често е тешко да се достават во сиромашни и оддалечени области.