Украинските власти соопштија дека руските сили ги интензивирале нападите врз фабриката за метал во која се сместени украинските бранители во разурнатиот југоисточен пристанишен град Мариупол, кој е под интензивна опсада на руските сили уште од почетокот на 8-неделната војна.
Извештајот за нови напори за упад во фабриката за метал Азовстал доаѓа два дена откако претседателот Владимир Путин сугерираше дека руските трупи само ќе го затворат објектот, наводно во обид да спасат руски животи. Се смета дека во Азовстал се засолнети околу 2.000 украински борци, а голем дел од остатокот од градот веќе е под руска контрола.
Олексиј Арестович, советник на претседателот на Украина, на брифинг денеска изјави дека руските сили го продолжиле бомбардирањето од воздух на Азовстал и се обидуваат да го нападнат.
Украинските власти во меѓувреме соопштија дека се обидуваат да евакуираат цивили од погодениот град Мариупол, кој е опколен уште од почетокот на конфликтот.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук преку апликацијата Телеграм ги повика луѓето да се соберат на автопат во близина на локалниот трговски центар со надеж дека безбедно ќе ги изведат надвор од градот.
„Денес повторно ќе се обидеме да ги евакуираме жените, децата и постарите лица“, рече Верешчук.
Сепак, не е јасно дали руските сили дозволуваат некој од тие жители да замине преку можен хуманитарен коридор.
Повеќе илјади жители го напуштија градот кој пред војната имаше околу 500.000 жители, но бомбардирањето за кое се обвинуваат руските сили кои го имаат опколено градот, често ја попречуваше евакуацијата на цивилите.
Азовскиот полк на украинската национална гарда, чии сили се заробени во Азовстал, денеска објави видео од десетици жени и деца за кои рекоа дека со месеци живееле во тунелите под фабриката. Една жена во видеото зборува за копнежот за свеж воздух и сонце.
Командантот на полкот, Свјатослав Паламар, изјави за АП дека видеото било снимено на 21 април. Неговата содржина првично не можеше да биде потврдена.
Сателитските снимки открија две наводни масовни гробници поставени надвор од Мариупол каде што се верува дека руските сили закопале некои од мртвите на Мариупол.