Расте насилството во Авганистан, убиени тројца пакистански војници во прекуграничен напад

Илустративна фотографија/ Пакистански војник на границата со Авганистан

Пакистанската армија денеска соопшти дека милитантите во Авганистан пукале со тешко оружје и воделе престрелка преку границата во текот на ноќта, при што биле убиени три лица во базата на пакистанската армија во планинскиот северозападен дел на Пакистан.

Во соопштението се наведува и дека пакистанските трупи возвратиле со пукотници како одговор на овој напад. Исто така се наведува дека неодреден број милитанти биле убиени, но немаше начин веднаш да се потврди оваа информација.

Во регионот на авганистанско-пакистанската граница се забележува значителна активност од пакистанските талибанци, кои наводно, ги засилиле своите напади врз пакистанските безбедносни цели.

Авганистан бележи зголемување на насилството што веројатно ќе го зголеми домашниот и меѓународниот притисок врз владата предводена од талибанците во Кабул, која дојде на власт во август кога меѓународните сили предводени од САД се повлекоа и авганистанската влада се распушти.

Во експлозија во џамија и верско училиште во северниот дел на Авганистан, во регионот Кундуз за време на петочната молитва вчера загинаа најмалку 33 лица, соопштија талибанските власти.

Претходно овој месец, Пакистан возврати на заседата во која загинаа седуммина негови војници со бомбардирање цели во Авганистан.

Фондот за образование на ОН (УНИЦЕФ) потврди дека 20 деца биле убиени во нападите во провинциите Хост и Кунар, додека локалците велат дека имало десетици загинати.