Сè уште гори шумата над струшката населба Елен Камен, засега нема опасност за куќите

Пожар над населбата Елен Камен во Струга

Пожарот кој вчера избувна во шумата над струшката населба Елен Камен, сè уште е активен, но нема опасност за куќите, информираа од Територијалната противпожарна единица – Струга.

Оттаму велат дека екипата на единицата е на терен, но местото било непристапно за возило.

„Засега нема опасност за викендичките и куќите во населбата Елен Камен“, информираат од ТППЕ – Струга.

Иако побарале помош од надлежните институции, струшките пожарникари велат дека се сами на терен.

Пожарот избувна вчера напладне во шумата на патот кон селото Радожда, близу викенд населбата Елен Камен.

Тој предизвика голем страв кај жителите, кои стравуваа дека поради силниот ветер брзо може да се прошири кон куќите.