Властите во Украина ќе се обидат повторно денеска напладне да евакуираат цивили од разурнатиот југоисточен пристанишен град Мариупол, кој е под интензивна опсада на руските сили уште од почетокот на осум неделната војна.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук преку апликацијата Телеграм ги повика луѓето да се соберат на автопат во близина на локалниот трговски центар со надеж дека безбедно ќе бидат изведени надвор од градот.
„Денес повторно ќе се обидеме да ги евакуираме жените, децата и постарите лица. Ако се се одвива според планираното, околу пладне ќе започнеме со евакуација“, посочи Верешчук.
Верешчук вчера изјави дека „постои можност“ да се организира хуманитарен коридор.
Илјадници жители го напуштија градот кој пред војната имаше околу 500.000 луѓе, но бомбардирањето, за кое се обвинуваат руските сили кои го имаат опколено градот, често ја попречуваше евакуацијата на цивилите.
Се наведува дека поголемиот дел од Мариупол е под руска контрола, иако околу 2.000 украински борци се сместени во локална фабрика за метали која стана последно упориште на отпорот.
Сателитските снимки открија две наводни масовни гробници поставени надвор од Мариупол каде што се верува дека руските сили закопале дел од мртвите.