МФ ќе соработува со Трезорот на САД за подобрување на транспарентноста на јавните финансии

Министерот Фатмир Бесими на средба со високи претставници на Трезорот на САД во Вашингтон

САД ја поддржува брзата интеграцијата на РС Македонија во ЕУ, при што, како сојузници во НАТО, двете земји ќе работат на заеднички проекти што се од големо значење за унапредување на соработката. Ова било заклучено на состанокот на министерот за финансии Фатмир Бесими со вршителот на должност заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија Брајан Меколи, советникот на секретарот на Трезорот на САД Брент Ниман и Вилијам Лари Мекдоналд заменик помошник на секретарот за техничка поддршка во Трезорот.

Од Министерството за финансии информираат дека Соединетите Држави, преку Канцеларијата за техничка помош на Трезорот на САД (ОТА), ќе понуди техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста, отчетноста на јавните финансии.

Оттаму известуваат дека Бесими на средбата истакнал дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и на развојот на регионот. Притоа, активниот ангажман на САД по ова прашање би бил од клучно значење.

„Воедно се разговараше и за можноста од продлабочување на економската соработка и реализација на нови проекти кои би се реализирале во соработка со УСАИД и со Амбасадата на САД во земјава“, се вели во соопштението од министерството.

Двете страни се согласиле дека во моментов клучно е решавањето на енергетската криза и одржувањето ценовна стабилност како клучни фактори за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност.