Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Обединетото Кралство следната недела повторно ќе ја отвори својата амбасада во главниот град на Украина, Киев, откако истата ја премести во Лавив, само неколку дена пред Русија да ја започне инвазијата на Украина.
Говорејќи за време на посетата на Индија, Џонсон рече дека амбасадата ќе биде отворена набрзо, но не наведе конкретен датум кога тоа ќе се случи.
Шефот на дипломатијата Лиз Трус од Лондон порача дека повторното отворање на амбасадата се должи на „извонредната цврстина и успех“ на отпорот на Украина кон руските сили.
„Сакам да оддадам почит на храброста и издржливоста на тимот на амбасадата и нивната работа во текот на овој период“, рече таа.
Претходно овој месец Џонсон го посети Киев во знак на поддршка за Украина во борбата против руската инвазија, која започна на 24 февруари.