Франција ја снабдува Украина со противтенковски ракети и оклопни возила за да и помогне во борбата против руската инвазија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за весникот „Уест франс“
„Ние испорачуваме значителна опрема, од (противтенковскиот систем) MILAN до (батериите) CEASAR преку неколку видови оружје“, рече Макрон во интервјуто објавено денеска.
Тој додаде дека смета дека „треба да продолжиме по овој пат“.
Елисејската палата не ја прецизира количината на испорачаното оружје, за да не се откријат оперативни информации кои би можеле да ги користи руската армија.
Додека руските сили започнуваат сеопфатен напад врз источна Украина, Западот се обидува да го снабди Киев со понапредно и потешко оружје. Соединетите Држави, Канада, Британија, Франција и Германија на 18 април ветија поголема поддршка за Украина. Други земји - од Словачка, преку балтичките земји до Канада - исто така почнаа да испраќаат потешко и со поголем дострел оружје, вклучувајќи хаубици, противвоздушни системи, противбродски ракети, дронови, оклопни камиони, транспортери и тенкови.