Индија и Обединетото Кралство повикаа на итен прекин на огнот во Украина откако премиерот Борис Џонсон објави дека ќе ја засили помошта за Делхи за да се оттргне од нејзината зависност од Русија со проширување на економските и одбранбените врски.
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека двете страни разговарале за ситуацијата во Украина, нагласувајќи ја важноста на дипломатијата и дијалогот со цел да се најде решение.
Британскиот премиер Џонсон рече дека Моди е „посебен пријател“ и додаде дека врските меѓу Индија и Британија „никогаш не биле посилни и подобри“.
Џонсон соопшти дека Британија ќе издаде општа дозвола за извоз во Индија, ќе ја намали бирократијата и ќе го скрати времето на испорака за нарачки за одбранбена опрема.
Тој, исто така, најави 1,29 милијарди долари нови инвестиции и договори за извоз, од софтверско инженерство до здравство.
- Џонсон во посета на Индија - ќе ѝ понуди алтернативи за односите со Русија
- Лавров во посета на Индија
Веднаш по неговото пристигнување во Индија, Џонсон изјави дека е свесен за блиските врски меѓу Индија и Русија.
„Треба да бидеме свесни за реалноста. Но, јасно е дека ќе разговарам за тоа со премиерот Моди“, им рече Џонсон на новинарите во Ахмедабад.
Моди неодамна ја нарече ситуацијата во Украина „многу загрижувачка“ и апелираше до двете страни да воспостават мир. Индија го осуди убиството на цивили во Украина, но досега не го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин, а исто така се воздржа од гласањето на Генералното собрание на ОН во април за исклучување на Русија од Советот за човекови права.