Градоначалникот на Мариупол повторно апелираше за „целосна евакуација“ на стратешкото пристаниште на Азовско Море за кое Русија тврди дека е контролирано од нејзините сили.
„Ни треба само едно - целосна евакуација на населението. Околу 100.000 луѓе остануваат во Мариупол“, изјави градоначалникот Вадим Бојченко за националната телевизија.
Бојченко рече дека десетици илјади жители се убиени. Засега оваа бројката не може да се потврди, а Русија негира дека цели на цивили.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека руските трупи го „ослободиле“ Мариупол, но украинските сили се уште се заробени во подземните бункери на фабриката за челик Азовстал, заедно со голем број цивили на кои, како што соопштуваат украинските власти, очајно им е потребна помош.
Вицепремиерката Ирина Верешчук пак соопшти дека Украина не се обидува денеска да воспостави никакви хуманитарни коридори за евакуација на цивили од украинските градови и населби.
„Поради несигурноста на рутите, денеска, 22 април, нема да има хуманитарни коридори. До сите оние кои чекаат евакуација, бидете трпеливи и издржете“, напиша Верешчук на Фејсбук.
Вчера околу 79 лица, главно жени, беа евакуирани во три автобуси од Мариупол. Москва и Киев редовно меѓусебно се обвинуваат за уништување на плановите за евакуација.