Бугарското МНР преку соопштение изрази зачуденост од позициите на властите во Скопје и антибугарската кампања во медиумите во врска со клубот „Ванчо Михајлов“.
„Зачудени сме од остриот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања што се спроведува во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клуб при Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола“, се наведува во реакција на бугарското МНР, а пренесува МИА.
Оттаму посочуваат дека во Северна Македонија повторно се шири омраза против Бугарија поттикната од политички партии, но и од академската заедница.
„Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за добрососедство и формиравме Заедничка комисија за историски прашања “, стои во реакцијата.
Од бугарското МНР потсетуваат дека културниот центар бил регистриран според барања на локалната законска регулатива и работи од 2019 година и оти неговото име досега не било предмет на никакви видливи негативни реакции кај надлежните и јавноста во Северна Македонија. Според нив, овие факти доведуваат до уверување дека кампањата започната во последните неколку дена не се однесува на името, туку е насочена против активностите на организацијата, активно вклучена во проблемите на Бугарите во земјава и остварувањето на нивните права.
Отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола предизвика бурни реакции од македонската јавност. На отворањето присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.
Критиките од македонската јавност во најголем дел се затоа што Михајлов е познат соработник на нацистите.