Британските пратеници наредија парламентарна истрага против Џонсон за наводно лажење

Британскиот премиер Борис Џонсон им понуди на пратениците „искрено извинување“ за присуството на забавите во карантин

Британските пратеници наредија парламентарна истрага против премиерот Борис Џонсон за наводно лажење за тоа дали ги прекршил анти-ковид мерките со учество во нелегални забави за време на пандемијата. Отворањето на истрагата, одобрено усно, без формално гласање, значи дека парламентарната Комисија за привилегии ќе испита дали Џонсон свесно го измамил парламентот, што претходно, ако било докажано, доведуваше до оставка на шефот на владата. Истрагата го зголемува притисокот врз Џонсон, конзервативен премиер чија влада е потресена од тврдењата дека ги прекршил ограничувањата наметнати од неговата влада врз граѓаните за време на пандемијата, но и поради фактот што подоцна тоа го негираше.

Премиерот Џонсон заработи казна заради забава за време на карантинот

Истрагата беше иницирана од опозициската Лабуристичка партија, а владата се откажа од обидот да ги убеди конзервативните пратеници да го блокираат нејзиното започнување. Џонсон беше казнет со 50 фунти од полицијата во минатата недела за присуство на роденденска забава во седиштето на владата во јуни 2020 година, што го прави првиот британски премиер за кој се утврди дека го прекршил законот додека бил на функција. Во вторникот, тој им понуди на пратениците „искрено извинување“ за присуството на забавата во карантин, но инсистираше на тоа дека свесно не ги прекршил правилата и не го измамил парламентот. Џонсон и неговата конзервативна влада се соочуваат со зголемен гнев откако кон крајот на минатата година се појавија обвинувања дека тој и неговите соработници организирале забави во владината зграда во текот на 2020 и 2021 година, кога на милиони Британци им беше забрането да се состанат со пријателите и семејствата и да присуствуваат на погреби.