Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина Мирослав Лајчак изјави дека главните преговарачи на Србија и Косово во Брисел не постигнале договор за регистарските таблички и ги повика повторно да се сретнат во наредните денови. „Не беше постигнат договор за регистарските таблички. Ги повикувам главните преговарачи да се сретнат повторно во наредните денови за да се договорат за понатамошниот пат и да ги продолжат разговорите за други актуелни прашања“, напиша Лајчак на Твитер по трилатералната средба. По состанокот со главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, Лајчак рече дека ЕУ „очекува сите актери да се воздржат од потези кои би можеле да ја загрозат безбедноста“.
Кој стои зад нападите врз косовската полиција?
Претходно, додека траеше трилатералната средба, Лајчак на Твитер напиша дека Петковиќ и Бислими разговарале за неколку отворени прашања, вклучително и регистарски таблички, спроведување на претходните договори и подготовка на теренот за следната средба на високо ниво. По средбата Бислими ја обвини српската страна за неуспех и додаде дека Приштина нема да преземе итни дејствија и дека владата ќе одлучи како да се однесува со возилата од Србија. По средбата Петковиќ изјави дека договорот од 30 септември останува на сила до постигнување трајно решение.
ЕУ им порача на Косово и Србија дека секој договор за табличките ќе бара политички компромис
Септемвриската криза на премините Јариње и Брњак во северно Косово заврши со договор за примена на режимот на налепници на регистарски таблички како привремена мерка и формирање работна група со претставници од Белград, Приштина и ЕУ за да се постигне трајно решение.