ССМ на средба во Владата за линерано зголемување на платите во јавниот сектор

Претседателот на ССМ - Дарко Димовски

Претставници на Сојузот на синдикатите на Макдонија (ССМ) попладнево на средба во Владата побараа линеарно зголемување на платите за 2.806 денари за секој вработен во јавниот сектор, утврдување регрес или К-15 во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата и методологија за усогласување на сите останати плати согласно порастот на минималната плата.

Средбата била на иницијатива на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а присуствувала и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски по средбата изјави дека има позитивни сигнали и дека тоа што го бараат од Владата како социјален партнер е, како што рече, издржано, аргументирано и солидарно.

„Ние стоиме на нашите барања, немаме отстапки од тоа што го бараме, позициите ни се јасни и доколку се договориме, договорот ќе биде на задоволство на сите работници. Јавниот сектор ги опфаќа управните органи, армијата, полицијата, здравствените работници, образовнието итн. да не ги набројувам. Сметаме дека овој проблем треба да се реши во интерес на целиот јавен сектор. Линеарното зголемување е во знак на солидарност или, како што велам јас – од чистачката до претседателот на држвата да земеме сите линеарно по 2 806 денари“, рече Димовски.

Доколку не се случи тоа Димовски вели дека од септември, согласно Законот, ќе бараат примена на колективните договори и процентуално зголемување на платите.

Барањата се доставени во вид на Општ колективен договор за јавен сектор и рече дека и даваат време на Владата да ги разгледа.