Низок опфат на вакцинација со МРП - здравствените власти почнуваат кампања

Илустрација

Опфатот со вакцинација против мали сипаници, рубеола и заушки е далеку од потребниот процент од 95% вакцинирани за да се постигне колективен имунитет и заштита во заедницата, алармираат здравствените власти.

Податоците покажуваат дека во текот на 2020 година се бележи исклучително низок опфат со МРП вакцината, 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво.

Опфатот во 2021 година е зголемен така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4 отсто, но не е задоволителен.

Министерот за здравство Беким Сали најави дека почнуваат со активности за засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација.

„Со кампањата е предвидено и испраќање унифицирана СМС порака на родителите кои ја пропуштиле вакцинацијата на нивните деца, како и засилување на регионалната мрежа на координатори од центрите за имунизација за зајакнување на теренските активности и активно следење и детектирање на пропуштените деца и нивно навремено вакцинирање“, истакна Сали.

Затворањето на училиштата доведе до доцнење во организирањето на систематските здравствени прегледи и групната имунизација, ресурсите се пренасочија кон задоволување на потребите на вакцинацијата против КОВИД-19.

Горан Кочински од одделот за имунизација на СЗО предупредува дека со пропуштањето на рутинските вакцинации расте ризикот од епидемии.

„Пандемијата на КОВИД-19 претставува суров потсетник дека заразните болести предизвикуваат страдање и смрт. И покрај тоа што борбата против пандемијата сè уште не е завршена, важно е да се потсетиме дека какво било нарушување на имунизацијата, макар и за краток период, носи моментален ризик по заедницата и особено по децата од болести што може да се спречат со вакцини. Кога ќе се пропуштат рутински вакцинации, расте ризикот од епидемии“, изјави Кочински.

Благодарение на високите стапки на вакцинација, некогашните деца, а денешни родители, ја имаа таа среќа да растат без да искусат некој член од семејството или пријател да им почине или да има доживотни последици од болести како што се морбили или полиомиелит, порача претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани. Таа апелира родителите да ги имунизираат своите деца.

„Апелираме до родителите и негувателите на нивните деца да им ја обезбедат заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото. Во 21-от век не смееме свесно да ги загрозуваме животите на децата и да ги изложуваме на ризик од болести што може да се спречат со вакцини и кои се докажани како безбедни и високоефикасни. Контактирајте со вашиот матичен лекар или педијатар, отидете до најблиската здравствена установа или пункт за вакцинација“, рече ДиЏовани.

Малите сипаници се едно од најзаразните респираторни заболувања кое може да доведе до тешки, понекогаш и трајни компликации од типот на пневмонија, оток на мозокот, хоспитализација и смрт. Особено се опасни за деца под 5 години.

Од Министерството за здравство потенцираат дека вакцините се од светски реномирани производители, кои задолжително исполнуваат строги критериуми за квалитет и за нив се обезбедува сертификат за квалитет издаден од производителот како и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот.