Пендаровски - се подготвува нов закон за помилување, а не за амнестија

Претседателот Стево Пендаровски

По најавата на заменик-министерот за правда Агим Нухиу дека се подготвува нов закон за амнестија, Претседателот на државава Стево Пендаровски вели дека не станува збор за подготвка на нов закон за амнестија, туку за подготовка на нов закон за помилување.

Пендаровски посочи дека со измените, доколку бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда ќе може да помилува само по правосилноста на пресудата.

„Сега претседателот има право на инцијатива на Министерство за правда да помилува човек во која било фаза од постапката, од апсењето и кога ја издржува казната. Јас го поддржувам тој пристап. Идејата беше сега со тие измени ако бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда да може да помилува само по правосилноста на пресудата“, вели Пендаровски.

Според него, треба да се остави судскиот систем да ја истера постапката, да се соочат аргументите на Обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот, кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна, да реагира доколку има некаков простор за корекција на пресудата.

„Имавме неколку контроверзни ситуации изминативе 20 години, дали од политички причини или не знам од кои други причини, некој некого помилувал во рана фаза на постапката“, рече Пендаровски.

Предлог законот е во Владата по што треба да биде испратен до Собранието.