Груевски доби седум години затвор за „Плацеви на Водно“

Архивска фотографија од поранешниот премиер Никола Груевски.

Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на вкупно седум години затворска казна за случајот „Плацеви на Водно“ за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Нему му се судеше во отсуство оти избега од државата и доби азил во Унгарија.

Една година затвор доби Сашо Мијалков, прв братучед на Груевски и поранешен прв човек на УБК. Тој е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”. А на иста таква казна е осуден и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев за перење пари.

Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ добија две години условна казна која може да премине во затворска доколку се огрешат пред законот во следните пет години.

Судот одлучи и да им конфискува имот на сега веќе првостепено осудените лица во овој случај.

Судењето за овој предмет го водeше судијата Илија Трпков. Тој на денешното рочиште рече дека станува збор за „криминалитет на белите јаки или криминалитет на бизнисмени“.

На претходните рочишта, одбраната на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кој се суди во отсуство, истакна дека судот треба да им довери верба на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Останатите беа обвинети дека му помагале при купувањето на плацевите.