Кипар соопшти дека ќе им го одземе државјанството на уште четворица руски милијардери, откако земјата почна да ги повлекува пасошите на оние кои се под санкции од ЕУ како дел од европските мерки против Русија поради војната во Украина.
Заменик портпаролката на владата Ниови Парисину вчера соопшти дека без државјанство ќе останат и 11 членови на семејствата на овие милијардери.
Имињата на погодените од мерката не беа објавени, но според денешните објави на локалните медиуми, се работи за руските тајкуни Олег Дерипаска и Игор Кесајев, сопственикот на весникот Комсомолскаја правда и медијахолдингот РБК Григори Берјозкин и Гулбахор Исмаилова, сестрата на рускиот тајкун Алишер Усманов, како и 11 членови на нивните семејства.
ЕУ воведе санкции против повеќе од 1.000 Руси, откако Москва ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари.
Четворицата милијардери и членовите на нивните семејства добиле кипарско државјанство преку таканаречената програма „Златен пасош“ која им овозможува на инвеститорите да добијат пасош од оваа членка на ЕУ. Околу 3000 Руси добиле пасош на ваков начин.
Дерипаска добил државјанство во 2017, Исмаилова во 2015, а Берјозкин и Касајев во 2012 година.
Минатата недела, кипарските медиуми објавија дека на четворица други руски милионери – Михаил Гуцериев, Александр Пономаренко, Вадим Мошкович и Алексеј Кузмичјов ќе им биде одземено државјанството поради санкциите.
Програмата Златен пасош беше затворена поради обвиненија за корупција во октомври 2020 година.