Најмалку две деца се повредени во експлозија на крајпатна бомба во Кабул. Ова е петта експлозија во главниот град на Авганистан оваа недела. Портпаролот на талибанската полиција во Кабул, Халид Задран, рече дека експлозијата се случила во мнозинско шиитска хазарска населба во Кабул. Нагазната мина била ставена во тенџере покрај патот.
Засега никој не ја презеде одговорноста за експлозијата, која доаѓа два дена по повеќекратните експлозии во овој дел на градот во кои загинаа 6, а 20 луѓе беа повредени. Мината експлодирала денеска, кога учениците излегувале од училиште по часовите.
Во мај минатата година, во бомбашки напади во близина на училиште во истата област загинаа 85 цивили, најголем дел од нив ученички, а десетици беа ранети.
Хазарите се дискриминирано етничко малцинство во Авганистан. Околу 9 отсто од 36 милиони жители на Авганистан се Хазари. Најголемиот дел од нив се шиити, кои се на удар од сунитските радикали како Исламската држава.