Неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк во образованието и покрај понуденото решение за раст на платите, соопштуваа од Владата. Во соопштението се апелира штрајкувачите да не се донесуваат во заблуда, а наставата и преговорите да продолжат.
„Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори“, велат од Владата.
Ги повикуваат наставниците, воспитувачите и негoвателите да го стават интересот на децата пред личните интереси, враќајќи ја наставата и згрижувањето на децата во училиштата и градинките.
„Со одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата, а за кој причината е унапредување, а не кршење на работничките, е груба манипулација и ставање во заблуда на штрајкувачите“, велат од Владата.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека Советот на СОНК смета дека предлогот на Владата за зголемување на платите од 10 отсто со цел да биде прекинат штрајкот во образованието не водат кон подобрување на состојбите и со нив се врши силен притисок врз штрајкувачите.
Синдикатот на образованието, науката и културата штрајкува во школите и градинките од 11 април, со барање за поголеми плати.