Пет години урбана Студентска музичка пролет

Илустрација - Плакатот за Студентска музичка пролет 2022

Со крајна цел студентите да го разберат значењето на уметностите и културата на лично, научно и општествено ниво, група професори од македонските универзитети веќе петта година по ред ја организираат манифестацијата Студентска музичка пролет.

Студентска музичка пролет е интердисциплинарен проект кој го започнавме во 2018 година и кој има за цел да овозможи настани од културата на самите универзитети. Верувам дека универзитетите и во нашата земја имаат капацитет да прераснат во своевидни центри на културата и кои, покрај нивната основна образовна функција, ќе ги поврзат студентите и со активниот културен живот во Македонија.

Вака д-р Ивана Трајаноска, професор на Универзитет Американ колеџ – Скопје, ја почнува приказната за Студентската музичка пролет, проектот кој со многу ентузијазам пред половина декада заеднички го започнале со проф. д-р Мира Беќар од Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Ивана Трајаноска

Судентската музичка пролет се стреми да ги поттикне студентите да бидат активни учесници и во културниот живот во земјата, но и да спроведуваат самите интердисциплинарни истражувања со фокус на уметностите и другите научни дисциплини. Инаку, манифестацијата се темели на три столба: настани од културата како кратки концерти, рецитали, перформанси, проекции и слично; гостински предавања и работилници од домашни и странски интердисциплинарни истражувачи и уметници; студентска дебата и трибина кои овозможуваат активна вклученост на студентите и ноивно вмрежување како и развивање на критичко и аналитичко размислување. Нашата крајна цел е студентите да го разберат значењето на уметностите и културата на лично, научно и општествено ниво, забележува Трајаноска.

Таа дополнува дека денес се среќни што успеале не само да ја одржат манифестацијата, туку и да овозможат „СМП да прерасне во настан кој јавноста го препознава и кој студентите го чекаат напролет“.

Мухамед Ибрахими

А, годинешново во некоја рака јубилејно издание започна со гостинско предавање на проф. д-р Соња Здравковска-Џепароска од ФМУ за танцот во македонскиот фрескоживопис. Два дена подоцна гостувала д-р Хајди Харт, интедисципинарна истражувачка, професорка и кураторка во Институтот „Сикстиејт“ во Копенхаген, која говорела на тема „Правење музика додека светот гори“, а на 18 април се случија два настани: концерт на мулти инртументалистот Мухамед Ибрахими и онлајн предавање на балерината и кореграфка Ивана Коцевска за настанувањето на едно танцово дело и за техниките кои таа ги користи при креацијата. Следниот ден м-р Мариглен Демири говорел за Адорно и субверзијата во музиката, а на 20 април се одржа предавање и музички перформанс на концертната пијаниска и професорка на ФМУ Ема Попивода.

Конечно, За 27 април е закажана студентската дебата со Гаро Тавитијан за музичкиот менаџмент и разговор со проф. д-р Марјан Бојаџиев за Македонската рок сцена, по што следниот ден јубилејното издание на СМП ќе биде затворено со онлајн студентската трибина на која ќе се претстават млади и помалку афирмирани автори и студенти со она што го создаваат и ќе можат да се дружат и да се запознаат со свои врсници кои студираат или се интересираат за различни области па ќе можат да се вмрежуваат и да соработуваат во иднина.

Плакатот за Студентска музичка пролет 2021

Ивана Трајаноска, говорејќи за коренот на самата идеја и за потребата од една ваква манифестација истакнува дека нејзинотот петнаесетгодишно искуство како универзитетска професорка и овозможило да ја согледа празнината на нашите универзитети во однос на поврзаноста со културниот живот и интердициплинарноста, и едноставно сметала дека е неопходно да се пополни.

Иако не би генерализирала, но студентите ретко посетуваат настани од културата. Тоа го покажуваат и неколку студии за млади, на пример онаа на Фондацијата Фридрих Еберт од 2018/2019 која покажува дека младите во земјата ретко го поминуваат слободното време одејќи на концерти или други културни настани, или правејќи креативни работи како што се пишување, читање книги и списанија итн. Исто така, тие и ретко се заинтересирани за интердисциплинарни истражувања. Дури и кога ќе покажат одреден интерес, немаат доволно развиени вештини и познавања да го прават тоа. Стандардните универзитетски наставни програми многу ретко вклучуваат интердисциплинарни предмети поврзани со уметностите, а предмети од овој вид практично воопшто и да не се нудат на студенти кои не студираат уметност, со исклучок можеби на филолошките науки. Покрај ова, студентите имале различни можности, или всушност неможности, од различни причини. Многу често никогаш не биле на опера, на концерт, на рецитал, на изложба и не се многу запознаени со македонските уметници и со македонската културна сцена. Дополнително, многу студенти за време на средношколските години или во детството се занимавале со уметност како хоби во слободното време. Учеле да свират инстумент, пееле во хор, танцувале, цртале, пишувале, посетувале воннаставни активности и часови поврзани со уметноста и музиката, но ги напуштиле кога почнале да студираат.

Sweet Rapscallion

Овде ја согледав потребата за манифестација како Студентска музичка пролет која ќе им овозможи на студентите мотивација, знаења и можност за развивање на вештини за интердисциплинарни истражувања но и контакти и вмрежување со студенти од различни универзитети за да можат да соработуваат на заеднички интердисциплинарни проекти во иднина и да се чувствуваат дел од културниот живот. Со Мира Беќар се познаваме одамна и заедно се нафативме на овој подвиг. Сметавме дека е неопходно на студентите да им се даде оваа можност на самите универзитети а со тоа и да го поддржиме формалниот образовен процес со дополнителни неформални активности како настани од културата, работилници, предавања, разговори со уметници, концерти, рецитали, перформанси и слично.

Шикачи

Таа вели дека се обидуваат нивната мисија и цел низ изминативе неколку години да ја реализираат низ добро осмислени програми и дека досега пред студентите во најразлична форма биле претставени голем број учесници во културниот живот во земјата.

Организиравме рецитал и гостинско предавање на првенката на Националната опера и балет Весна Ѓиноска-Илкова како и посета на Националната опера и балет. Потем и концерт на Пламенка Трајкова гудачки квартет и на бендови како Sweet Rapscallions, Шикачи, Ноу Хеј Банда... На дебатите досега ни гостуваа Џијан Емин, Јана Андреевска, Дарија Андовска, Дејан Петровиќ, Ристо Солунчев и други.

Владимир Мартиновски

Организиравме бројни гостински предавања, проекции и работилници на автори, интердиспилинарни истражувачи, уметници од земјата и странство како Горан Муратовски, Гоце Наумовски, Иван Ивановски, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш, Тамара Јолевска-Попов, Ивана Балабамова, Ива Дамјановски, Аксел Енглунд од Университетот во Стокхолм, Александра Резник од Универзитетот Чатам, Пјетро Деандреа од Универзитетот во Торино, Ричард Феј од Универзитетот во Манчестер, Јан Царнецки од Универзитетот во Келн, Рут Џејкобс и Лила Масколи од Университетот во Единбург и Гејџ Ејман од САД.

Ива Дамјановски

Исто така, преку трибината која е отворена за сите студенти од сите универзитети во земјата им овозможуваме простор на студентите и млади помалку афирмирани автори кои се занимаваат непрофесионално или професионално со некоја уметност или имаат одредени интердисциплинарни интереси да се претстават. Па така на онаа од 2020 година ја имавме Андреа Коева која сега е македонскиот претставник за Евровизија.

А, во однос на проекциите за натамошен исчекор на манифестацијата, чие последно издание го подржаа Министерството за култура и Универзитетот Американ колеџ Скопје, таа ќе рече дека тие и натаму ќе се стремат кон активна соработка помеѓу универзитетите во земјава.

Плакатот за Студентска музичка пролет 2019

Исто така, ние сме отворени за соработка и со други манифестации кои би одлучиле дел од својата програма да остварат на самите универзитети. Сепак, ние не сме продукција а организирањето на поголеми настани бара и поголеми средства и време. Затоа сметам дека соработката на повеќе нивоа е неопходна и е следен иден чекор на СМП за да може и понатаму да ја остваруваме нашата цел студентите да го разберат значењето на уметностите и културата на лично, научно и општествено ниво и активно да се вклучат во културниот живот, ќе рече проф. Ивана Трајаноска.