Украина предложи да се одржи „специјална рунда“ преговори со Русија во опколениот град Мариупол, откако вчера истече ултиматумот поставен од Русија за предавање на последните трупи кои сè уште се спротивставуваат во градот. Главниот украински преговарач и помошник на претседателот Михаило Подољак рече дека украинската страна е подготвена да ги одржи разговорите без услови. Друг клучен украински преговарач, Дејвид Арахамиа, на Телеграм изјави дека тој и Подолјак „се подготвени да пристигнат во Мариупол за да разговараат со руската страна за евакуација на нашиот воен гарнизон и цивили“. Немаше итна реакција од Москва на предлогот.
Ултиматум за бранителите на Мариупол, Западот вети воена помош
До ова дојде откако уште вчерашниот обид за евакуација на цивили од Мариупол не ги исполни украинските очекувања и откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека „ситуацијата во Мариупол се влошува“ со илјадници војници и цивили заглавени во градот. Украински командант претходно упати очајничка молба за помош, велејќи дека неговите маринци кои го бранат индустрискиот комплекс Азовстал „можеби ги чекаат последни денови, ако не и часови“.