Црна Гора забрани емитување на Раша Тудеј и Спутник

Во Црна Гора од денеска стапува во сила забраната на емитување на руските медиуми Раша тудеј и Спутник, едногласно донесе одлука Советот на Агенцијата за електронски медиуми. Со оваа одлука и официјално Подгорица се усогласува со одлуките на Европската Унија во мерките преземени против Русија поради инвазијата врз Украина.

Иако на 1 март Владата најави дека ќе се приклучи кон санкциите против Русија, но дури на 8 април црногорските власти по неколку одложувања донесоа одлука со која ќе применат санкции кон Русија.

Одлуката е објавена на 14 април во Службен весник, по што и формално започна исполнувањето на условите за државните институции да спроведат санкции кон Руската федерација, руски компании и поединци.

Агенцијата за електронски медиуми на Црна Гора не соопшти зошто 6 дена по објавата во Службен весник ја носи одлуката за забрана за емитување на Раша Тудеј и Спутник, чие емитување ЕУ го забрани уште на 2 март.

„Советот на АЕМ констатираше дека со стапувањето на сила на владината одлука за рестриктивни мерки кон Раша Тудеј и Спутник сите оператори се должни без одложување од своите понуди да ги исклучат тие програми и нивните содржини. Тоа подразбира суспензија на сите дозволи за емитување, преноси и дисттрибуција на која било платформа“ се вели во соопштението на Агенцијата.