Владата за извештајот на Фридом хаус - Ја вративме слободата во општеството и вербата во институциите

Во изминатите пет години Владата успеа да ја врати слободата во општеството, вербата во институциите и да ја зајакне меѓусебната граѓанска почит, изјави на денешната прес-конфереција владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање за најновиот извештај на „Фридом хаус“ за напредокот на Македонија.

Тој рече дека овој Извештај се однесува на подолг период, односно опфаќа и дел од периодот пред 2017 година, пред формирањето на Владата предводена од СДСМ, кога, како што рече, сите бевме сведоци дека имавме сериозни назадувања во политичките процеси, предавањето на власта и во справувањето со корупцијата.

Со непроменета оценка 3,82, исто како и минатата година, Македонија останува во категоријата „хибриден режим“, според извештајот „Држави во транзиција - од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“ на Фридом хаус.

Извештајот опфаќа 22 посткомунистички држави од Централна и Источна Европа и поранешниот СССР. Само 6 од овие земји се сметаат за консолидирани демократии, 4 се полуконсолидирани демократии, 8 се консолидирани авторитарни режими и 11 се во „сивата зона“, односно хибридни режими.

Во извештајот се оценува демократското владеење на централната и локална власт, изборниот процес, граѓанското општество, слободата на медиуми, судството, корупцијата.

Просечната оценка на Македонија постојано паѓаше од 2012 до 2017 година. Земјава падна во категоријата „хибриден режим“ во 2013 година. Од 2017 до лани има раст, но во изминатата година има стагнација.