Снабдувањето со сончоглед е стабилно и државата во континуитет увезува сурово масло потребно за домашните капацитети, но има и зејтин за потрошувачка, соопштија денеска министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски. Тие денеска беа во посета на фабриката за масло за јадење „Кристал“ во Велес.
„Почна увозот на рафинирано масло од соседите, но се увезува и од други држави со оглед дека ја укинавме царинската стапка од 29 отсто“, рече Бектеши.
Тој вели дека се работи и на дополнителни мерки за поголемо производство на сончоглед.
Министерот Николовски рече дека Владата вчера распиша оглас за доделување 5 722 хектара за одгледување стратешки култури, меѓу кои и сончоглед.
Во изминатиов период во маркетите ширум земјава честа беше сликата на полупразни рафтови на кои стојат брашно, шеќер, зејтин, лебот... Владата пред една недела ја ограничи продажбата на маслото за јадење на пакети, така што секој купувач ќе може да купи сончогледово масло за јадење во трговските објекти во мали количини, а не цели пакети.
Цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,20 – 2,40 евра или максимум 2,50 евра и ова цена ќе се задржи, особено по празниците, рече денеска генералниот директор на фабриката „Кристал“ Горан Лазов.
По Велигден цената на зејтинот ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење, па затоа нема потреба граѓаните да прават залиха, ќе има доволно зејтин на пазарот, рече Лазов по средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски кои ја посетија фабриката.